СО ИЗЛОЖБА НА АРХИВА ЗА „МИС СТОН“, КИНОТЕКАТА ГО СЛАВИ СВЕТСКИОТ ДЕН НА АУДИОВИЗУЕЛНО НАСЛЕДСТВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Под глобалното мото „Твојата приказна во движење“, Кинотеката на Македонија денеска во 12 часот го одбележува Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

Тој се одбележува на 27 октомври, во организација на УНЕСКО, но настаните во негова чест се организираат околу овој датум.

На денешната свеченост, покрај промоциите на новата веб-страница на институцијата и на најновиот број на списанието „Кинопис“, ќе се отвори изложбата „Мис Стон: Помеѓу Елен и Автономија“, по повод 60-годишнината од премиерата на филмот „Мис Стон“ на Жика Митровиќ.

Ќе бидат изложени фотографии, документи, преписки, сценарија, прес-клипинзи, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал и друга архивска граѓа. Сочуваните материјали денес се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотеката.

Од Кинотеката велат дека своевремено, „Мис Стон“ беше меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во боја, но и во тоталскоп техника (италијанската верзија на холивудскиот синемаскоп), како што тогаш ги снимаа костимираните историски епопеи во студиото Чинечита.