СРЕДНОШКОЛКАТА ЕВГЕНИЈА ДИВИТАРОВА ОД БИТОЛА СОЗДАВА МАШИНИ ЗА ГРАВИРАЊЕ СО ЛАСЕР

Битола, (СМАРТ.СДК.МК)

Средношколката иноватор Евгенија Дивитарова е на чекор да изработи трета машина за гравирање со ласер. Оваа 17-годишна девојка, ученичка во Средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола, самата ги смислува софтверите, ги дизајнира и конструира деловите од машината на која се врши гравирање на текст, фотографии, па дури и уметнички дела. Досега изработила две машини, а за втората ја доби наградата за „Млад иноватор“ на натпреварот „Макинова“ во октомври лани во Скопје.

Резбата за која се потребни по неколку денови, а понекогаш и месеци за рачна изработка, машината ќе ја изгравира за три до четири часа. Текст пак, за десет до 15 минути.

Резбата за која се потребни по неколку денови, а понекогаш и месеци за рачна изработка, машината НА дИВИТАРОВА ќе ја изгравира за три до четири часа. (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Преку соодветен софтвер дизајниран за ЦНЦ машини ја ставаме сликата, потоа се создава чип, се даваат наредби, кодот се испраќа до уред кој ги движи моторите и кажува кога ласерот да биде вклучен, а кога исклучен. Според тоа, враќа повратни информации за положбата на моторите и на крај се гравира слика или текст“, објаснува младата иноваторка.

Во областа во која се натпреаварувала мината година со ЦНЦ машината,Дивитарова била единствено девојче. Се надева дека нејзиниот пример ќе биде поттик за останатите девојчиња да учествуваат на натпревари за иноватори; – со менторката Билјанка Христовска (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Има големи планови околу создавањето на третата машина, но деловите се многу скапи, па потребна е поголема поддршка на младите таленти од заедницата, посебно од стопанството.

„Досега машините го правев од сопствен буџет, за новата добив поддршка само од Фабриката за опрема и делови од Битола. Никој друг не е заинтересиран да помогне. Скапо е да се направи зашто овие делови што се користат ги нема во нашата држава и се порачуваат во странство. Од домашен буџет навистина е ташко и потребни се повеќе спонзори за да се направи една машина која ќе има повеќе функции и ќе може да им ја олесни работата во индустријата со дрво“, вели Дивитарова.

Во областа во која се натпреаварувала мината година со ЦНЦ машината била единствено девојче. Се надева дека нејзиниот пример ќе биде поттик за останатите девојчиња да учествуваат на натпревари за иноватори. Со новата машина планира повторно да учествува на натпреварот „Макинова“, како и на друг во Босна.

„Се надевам дека ваквиот нејзин успех ќе охрабри многу млади девојки, да се насочат кон развој на критичкото размислување , иновативноста и техничките науки да бидат нивна следна определа“, рече Билјанка Христовска, ментор и предметен наставник на ученичката по стручните електро предмети.

Ж. ЗДРАВКОВСКА