Студентите од петта година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Александар Лонгуров и Стефан Коцев се добитници на првата меморијална награда „Д-р Марија Емилија Кукубајска“ која е востановена по повод 40– годишнината од раѓањето на Емилија Кукубајска, односно 13 години од нејзината прерана смрт, која ја востанови нејзината мајка Марија. Марија Кукубајска важи за една од најпочитуваните македонски поети, драмски автор, истражувач и преведувач.
За време на студирањето Лонгуров извршил клиничко истражување во областа на хирургијата во кардиохируршката болница на Жан Митрев, на тема: „Интра-артикуларна апликација на плазма богата со тромбоцити за третман на болка кај пациенти со повреди на зглобната ‘рскавица и дегенеративни промени на менискусот“. Лонгуров има волонтирано и во болницата „Систина“, а асистирал и на повеќе од 10 хируршки интервенции на тораковаскуларната и абдоминалната хирургија во Клиничката болница во Штип.
Изборот е извршен во соработка со Медицинскиот факултет во Штип. Вториот носител на наградата од 1.000 евра Стефан Коцев со највисока оценка 10 станува првиот генерален секретар на организацијата на студенти по Општа медицина, бил главен организатор на акцијата „Здравје за сите“ , дел од тимот од летната пракса во Самара, Русија и демонстратор по физиологија и медицинска психологија, а се стекнал и со вештини и за работа во ветеринарна клиника и прехранбената индустрија.
Во рамките на меморијалната награда во спомен на ќерката, Марија Кукубајска денеска подари играчки, книги и едукативен материјал на Универзитетската клиника за педијатрија, на Филолошкиот факултет во Штип ќе подари нејзини книги и учебници на англиски, македонски и други јазици, а на ОУ „Ванчо Прќе“ во штипско Ново село за посебните паралелки ќе подари книги, списанија и каталози.
Кукубајска исто така го подари земјиштетото од некоклу хејтари наследено од нејзините родители во штипско Ново село на Универзитетот „Гоце Делчев“ со цел да се изгради Центар за дијализа кој би работел во рамките на Медицинскиот факултет во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ