Хрватскиот пејач Кики Рахимовски, синот на фронтменот на „Парни Ваљак“ Аки Рахимовски вчера (27 декември) во Скопје ја промовираше новата песна „Врнеше дожд“ (Киша је падала) чиј автор на музиката и текстот е тој. Аранжманот го направија Саша Миочиќ и Елвис Сршен.
Претходно, тој од Македонскиот олимпски комитет ја прими наградата која МОК постхумно му ја додели на неговиот татко.
„Многу ми е драго што ја примив оваа награда. Иако татко ми не беше професионален спортист, тој живееше како спортист, целиот свој живот го истрча на сцената. Од татко ми научив многу. Најважниот животен совет кој ми го даде е: ‘Вложи се колку што можеш, но чувај се себеси’. За музиката, неговата филозофија која и јас ја применувам беше едноставна: ‘Само затвори ги очите и пеј’, ни изјави Рахимовски.
Пејачот вели дека отсекогаш им се восхитувал на спортистите, и воопшто на луѓето кои се жртвуваат за да дојдат до целта, каков што бил и Аки Рахимовски.
„Новата песна која ја промовирам денес овде е чистење на емоциите. Во сите песни кои ги пишувам, јас се ослободувам од тагата“, кажа музичарот и додаде оти се надева дека во скоро време ќе има и настап во Скопје.
Неговата претходна песна, „Солзи небески“ (Сузе небеске) која ја напишаа авторите Миро Буљан и Нено Нинчевиќ, тој му ја посвети на татко му. По промоцијата, Рахимовски кажа дека ќе оди да се види со неговото семејство во Скопје.
Аки Рахимовски, кој почина на 22 јануари во 2022 година во Ново место во Словенија е роден во во 1955 година во Ниш, но израснал во Скопје. Од 1976 година живееше во Загреб и беше пејач на еден од најпознатите рокенрол бендови во поранешна Југославија, „Парни ваљак“. Неговата мајка Ана, почина во април во 2022 година во Скопје.
М. ЏАРОВСКА