Јубилејното 55. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп кое требаше да почне денеска, ќе чека подобри и стабилни времиња. Собранието на Фестивалот, како последен термин за одржување, ако се стабилизираат состојбите, го највува 25 септември, или јубилејот да се слави догодина.

Традиционално, Фестивалот почнуваше во првиот петок од јуни и траеше една недела, а се натпреваруваа сите државни театри и Факултетот за драмски уметности (ФДУ) со по една претстава.

Според Катарина Коцевска, претседателка на Собранието на Фестивалот, на седница изминативе денови одлучиле дека доколку дозволат здравствените услови и доколку има можности, да се одржи од 25 септември до 2 октомври. Ако не, јубилејот ќе се прославува догодина.

„Во услови на пандемија, невозможно е да се прават планови за вакви реномирани манифестации со огромен број публика, со бројни актерски екипи на сцената. Никој не може да знае како ќе се одвиваат состојбите“, вели Коцевска.