Денеска од 19 часот, во Музејот на современа уметност (МСУ) ќе се одржи вечер посветена на проектот Фрајраум, инициран од Гете-институтот. Целта на проектот е да истражи како се доживува поимот слобода во европските градови, кои прашања произлегуваат кога граѓаните, научниците и културните работници локално размислуваат за поимот „слобода“ и кои проблеми можат да се препознаат во градот.
Во рамките на проектот, Гете-институтот по случаен избор одреди 19 тандеми, кои развиваа нови идеи на темата „слобода“. Така Гете-институтот од Скопје и неговиот партнер, здружението „Контрапункт“, работеа заедно со Гете-институтот Копенхаген и со Фестивалот за архитектура од Копенхаген.
„’Контрапункт’ го набљудува градот од перспективата на жителите кои емигрирале од Македонија, за да го следат прашањето на Данците: како градот може да стане и остане место кое осигурува разновидност и соживот? Од друга страна, данскиот Фестивал за архитектура бара во Скопје одговори на прашањето како можностите за слободен живот во јавниот простор се формираат и се менуваат со тек на времето. Двата кинематографски резултати ќе бидат прикажани вечерва“, најавува организаторот.
По проекциите, ќе говори генералниот секретар на Гете-институтот Јоханес Еберт и ќе има дискусија со Елена Велјановска од „Контрапункт“ и со Сигне Софи Богилд од Фестивалот за архитектура во Копенхаген.