Учениците кои приготвија буковка на сонце на Градскиот плоштад во Неготино победија на еднодневниот натпревар во готвење на соларна енергија.
Организатор на овој натпревар е здружението на граѓани „Ековита“ и е дел од проектот „Енпол-ЕЕ“ за потребите на средното општинско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино.
На натпреварот учествуваа четири групи на ученици, кои во периодот од 11 до 12 часот зготвија четири рецепти на соларна енергија: сончеви (пилешки) прсти, буковка на сонце, сончеви палачинки и грилован зеленчук. Откако завршија со храната, на сончевата печка се подготвуваше и чај. Втората награда отиде кај учениците кои готвеа палачинки.
„Целта ни е да ги поттикнеме младите да размислуваат за користење на обновливи извори на енергија и, истовремено, за заштита на животната средина. Приготвувањето храна со овие извори на енергија може да биде интересно и забавно за младите. Слично е на традиционалното подготвување јадења, но треба малку повеќе време. Најважното е дека е бесплатно и не се испуштаат штетни материи“, ни рече Сашко Тодоров од „Ековита“.
Б. НЕСТОРОСКА