Публиката која ќе дојде на вечерашната проекција на филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски од 20 часот во скопското кино Милениум ќе има ретка можност одблизу да поразговара со главните актерки и актери и да постави прашања врзани со филмот.
По светската премиера во Рим на 19 октомври и македонската на 1 ноември, од продукцијата велат дека за само 20 денови „Врба“ ги собори рекордите на гледаност. Филмот досега го видоа повеќе од 20 илјади гледачи во Синеплекс и Милиниум во Скопје и во речиси сите градови од земјава.
Повеќето проекции во Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Штип, Куманово, Крива Паланка, Свети Николе, Кочани, Богданци, Крушево, Гевгелија, Виница, Радовиш, Пробиштип, Македонска Каменица и Кавадарци беа распродадени. Приходот од проекцијата во Делчево на 3 декември ќе биде дониран во Дневниот центар за лицата со посебни потреби.
„Врба“ на 13 ноември ја имаше азиската премиера на фестивалот во Тајпеј, каде Манчевски беше режисер во фокусот. Неколкуте проекции на „Врба“, како и проекциите на неговите останати филмови, беа целосно распродадени, а тој одржа и мастерклас за обожавателите.
Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија, а играат Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.