Три години по светската премиера, „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски ја имаше француската премиера неделава на фестивалот во Нанси. Со две проекции и многу публика, филмот игра во најпрестижната категорија на фестивалот „Под ѕвездите“.
„Бикини Мун“ забележа успех и во САД, откако месецов стана достапен и на националната кабловска мрежа AMC, која е достапна во сите држави во САД, соопшти продукцијата.
Фестивалот во Нанси по четврти пат селектира дело од Манчевски – пред „Бикини Мун“ на овој фестивал играле „Пред дождот“, „Мајки“, како и краткометражниот филм „Крајот на времето“. Нанси е еден од најголемите филмски фестивали во регионот Гранд Ест (Источна Франција), се одржува од 28 август до 6 септември со вкупно 130 краткометражни и долгометражни филмови и над сто проекции. Тој годинава се одржа физички, со публика и со почитување на мерките за заштита од ковид-19.
Истовремено, најновиот филм на Манчевски „Врба“ ја продолжува фестивалската турнеја – на 24 август имаше многу успешна кинеска премиера во официјалната селекција на фестивалот во Пекинг. Картите за проекциите на филмот беа однапред распродадени, а филмot доби медиумско внимание со позитивни оценки и од критиката и од гледачите.
Една од критиките за филмот вели дека е „Тажен и длабок. Генијалната комбинација на теми од три епохи ги покажува емпатичните емоции на режисерот.“
Филмскиот фестивал во Пекинг е еден од најголемите и најзначајни фестивали во Кина, а заедно со фестивалите во Шангај, Тајпеј и Хонгконг е еден од најзначајните во источна Азија.