„ЏУМАНЏИ 2“ И „ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ ШОУМЕН“ ВО СКОПСКИТЕ КИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Џуманџи“, еден од најдoбрите филмови за деца од 90-ите години, кој заработи над 260 милиони долари, годинава доби втор дел, кој од денеска игра во киното „Синеплекс“.

„Со посебната игра за првпат се сретнавме во 1995 година, кога неповторливиот Робин Вилијамс излезе од неа заедно со многу различни животни и ‘неживотни’. Свесни дека ‘Џуманџи’ на многумина им го обележа детството, екипата во продолжението сакаше да го задржи токму тој дух на надградба и во содржината, а и технички“, велат од „Синеплекс“.

Ситуацијата во „Џуманџи: Добредојдовте во џунглата“ е целосно променета и сега играчите се тие кои влегуваат во играта, во телата на своите аватари, се борат против главните негативци и се обидуваат да спасат жива глава. Играат Двејн Џонсон, Кевин Харт, Џек Блек и Карен Гилан.

Од денеска во „Синеплекс“ и во „Милениум“ игра и „Величествениот шоумен“, приказната за фасцинантиниот живот на П. Т. Барнум, кој има три номинации за Златен глобус. Режисер е Мајкл Грејси, а главната улога ја игра Хју Џекман.

„Величествениот шоумен“ се најавува како музички спектакл, со доста заразни поп нумери и гламурозни танцови точки. Станува збор за инспиративна приказна за визионерот, кој ќе се издигне од ништо, за да создаде воодушевувачки спектакл што ќе стане светска сензација – циркус.

Во филмот играат и Зак Ефрон, Мишел Вилијамс, Ребека Фергусон и пејачката Зендаја.