Од денеска, па во наредните пет недели, на повеќе локации во Скопје, режисерот Игор Иванов-Изи ќе го снима својот трет долгометражен филм „Хомо“.
Сценариото е на Иванов и на Сашо Кокаланов, а продукцијата на „Скопје филм студио“. Оттаму велат дека филмот е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шесте главни ликови.
„’Хомо’ е филм што се случува овде и сега и е приказ на нашето општество, во коешто се доведени во прашање основните човечки вредности. Станува збор за ‘корална’ структура сочинета од шест индивидуални приказни за шест карактери од Скопје, чии животни судбини се менуваат засекогаш“, вели Иванов-Изи.
Во филмот играат 70-ина актери, меѓу кои и Игор Ангелов, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Себастијан Каваца, Јордан Симонов, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски, а се прави во копродукција со Бугарија, Србија, Словенија и Косово.
„Ова е скопски филм, за нашата генерација и за времето во кое живееме. Проектот е копродукција на пет земји и посебен предизвик е неговата реализација, во која е вклучена голема меѓународна екипа, околу 70 актери и преку 450 статисти. За потенцирање е и возниот парк од 100 возила“, вели продуцентот Томи Салковски.
Кинематограферка е Маја Радошевиќ од Србија, монтажата е на Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасески, а костимите на Полонца Валентичиќ од Словенија.
Фото: К. Попов