„Главната улога беше пишувана за машки лик, тоа беше приказна за двајца браќа. Една година правев кастинзи за главниот лик и не можев да го најдам. Помислив дека треба да направам нешто радикално и тогаш одлучив да го сменам во женски лик, без да променам точка или запирка во сценариото. Дејана Попоска беше повикана за споредна мала улога, но ме изненади и ја доби главната улога на Леа“, вели режисерот Борјан Зафировски за својот прв филм „Ефектот на среќа“, кој синоќа имаше премиера во киното Милениум, на отворањето на 18. фестивал на европски филм Синедејс.
Зафировски го пишувал сценариото со драматургот Дејан Дуковски, а продуцент е „Ново македонско видео“. Копродуценти се „Њу момент“, „Видео хаус анимејшн“, Национален центар за филм на Албанија и Центарот за филм на Косово.
Во филмот играат и Сашко Коцев, Ана Стојановска, Сара Анастасовска, Петар Арсовски, Јовица Михајловски и Мими Таневска. Музиката е на Огнен Анастасовски, а кинематографер е Димо Попов и филмот изобилува со кадри од Скопје во едно поинакво светло. На прашањето дали вака си го замислува градот, Зафировски вели:
„Вака си го посакувам и понекогаш вака го доживувам. Мојата идеја како режисер е да ги најдам сите тесни ќошиња во градов и во државава, кои сѐ помалку ги има. Мислам дека во филмската уметност премногу заглавивме во извоз на беда, која, за жал, многу добро се продава по фестивали на запад, но мојата идеја беше да направам нешто сосема обратно. Точно, во оваа држава постои тој елемент, но зошто да се фокусираме само на тоа“.
Репризата на „Ефектот на среќа“ е денеска во 17:30 часот во Милениум, а по него, на програмата на Синедејс се „Жал ни е што ве пропуштивме“ на Кен Лоуч (20 часот) и „Милост Божја“ на Франсоа Озон (22 часот).
Б. НЕСТОРОСКА