ПОЧНУВА 17. ФЕСТИВАЛ НА ЕВРОПСКИ ФИЛМ СИНЕДЕЈС, ЌЕ СЕ ПРИКАЖАТ НАД 100 ФИЛМОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со изложба, два филма и со концерт, вечерва почнува 17. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс.

Во 21 часот, во кино Фросина е „Матанги/Маја/М.И.А.“ на Стив Ловериџ, а од 22 часот во Милениум ќе се прикаже „Среќниот принц“ на Руперт Еверет. Во 22.30 часот, како дел од музичката програма, е концертот на Израелката Нога Ерез.

Во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ), во 20 часот ќе се отвори изложбата на фотографии од Самир Љума, насловена „Филм“.

Мотото на годинашниот Синедејс, кој ќе трае до 18 ноември, е „Збогати се преку ноќ“, а ќе се прикажат над 100 филмови во неколку програми: гала, официјална, СинеБалкан, музички документарци, МК во ЕУ, ретроспектива на Милош Форман, МК кратки филмови, студентска и детска програма и СинеМјузик.

Во гала програмата ќе има 21 проекција на наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин и Ротердам, како „Крадци“ на Хироказу Коре-Еда, „Најмрачниот час“ на Џо Рајт, „Суспирија“ на Лука Гвадањино, „Фантомска закана“ на Пол Томас Андерсон, „Без гајле, нема да стигне далеку пеш“ на Гас Ван Сант, „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс фон Трир, „Човекот што го уби Дон Кихот“ на Тери Гилијам, „Зајдисонца“ на Ласло Немеш, „Сите знаат“ на Асгар Фархади, „Студена војна“ на Павел Павликовски, „Белата врана“ на Реиф Фајнс, „Лоро“ на Паоло Сорентино, „Сликовница“ на Жан-Лик Годар, „Догмен“ на Матео Гароне, „Двојни животи“ на Оливие Асајас, „Остров на кучиња“ на Вес Андерсон, „Фаворитот“ на Јоргос Лантимос и „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ на Спајк Ли.

Билетот за гала програмата чини 150 денари, а сите останати проекции се по 100 денари. Проекциите од студентската, детската програма и од МК кратки филмови, како и за работилниците се со бесплатен влез.

Б. НЕСТОРОСКА