Пред објавувањето на номинациите за Оскар на 13 јануари во Лос Анџелес, документарецот „Медена земја“ од денеска, па до 15 јануари повторно ќе се прикажува во скопското кино Милениум. Проекцијата е од 20 часот, а билетот чини 150 денари.
„Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории: за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Филмот од 13 до 18 јануари ќе игра и во Кинотеката, со по две проекции на ден, од 18 и од 20 часот. Влезницата чини 100 денари.
„Пред дождот“ на Милчо Манчевски е единствениот македонски филм кој добил номинација за Оскар, во 1995 година.
На 8 февруари во Лос Анџелес ќе бидат објавени добитниците на престижната американска награда Независен дух, предвесник на Оскарите, каде што „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец заедно со „Американска фабрика“, „Аполо 11“, „За Сама“ и „Островот на гладни духови“.
Котевска и Стефанов се номинирани за наjдобра режија од Друштвото на режисери во Америка (ДГА). Изминативе неколку денови филмот ја доби наградата за најдобар документарец на Националното друштво на филмски критичари и на Друштвото на филмски критичари во Њујорк, а кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата Филмско око за исклучителни достигнувања во кинематографијата.