Краткиот филм на режисерот Горан Столевски, „Види ја ти неа“, ја доби наградата за најдобар интернационален филм, што ја доделува каналот „Јутјуб“ во програмата Краток филм на 34. фестивал „Санденс“ (18-28 јануари ), најголемиот американски фестивал на независен филм.
Копродукција на „Црна мачка продукција“ и „Скопје филм студио“, филмот е награден во категоријата во којашто се натпреваруваа 17 наслови од целиот свет.
Наградите во програмата Краток филм ги додели тричленото жири во состав: Шерин Дејвиз – наградувана сценаристка, режисерка и продуцентка, Ширли Менсон – вокалот на познатиот алтернативен рок-бенд „Гарбиџ“ и истакнатиот писател и стрип автор Крис Вер, кој вчера на церемонијата на доделувањето на награди му ја врачи статуетката на Столевски.
Столевски е роден во Македонија, а живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. Студирал на Универзитетот во Мелбурн и на тамошниот Викторијански колеџ за уметности. Има снимено над дваесет кратки филмови, прикажани и наградувани на повеќе фестивали низ светот.
Кинематограферот на „Види ја ти неа“, Наум Доксевски, лани на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола ја доби наградата за најдобра камера за краток филм, Мала камера 300.
Од продукцијата велат дека „Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето, вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.
Во филмот играат: Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.
Сценариото е на Столевски, сценограф е Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.
„Види ја ти неа“ следниот месец е селектиран на филмскиот фестивал за краток филм во Клермон-Феран, Франција, со закажани проекции од 3 од 10 февруари.