ШПАНСКИОТ ОСКАРОВЕЦ ФЕРНАНДО ТРУЕБА ГО ОТВОРА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА ДОКУМЕНТАРЦИ

Скопје, (Смарт.СДК.МК)

„Го застрелаа пијанистот“, последната анимирана докудрама на шпанскиот оскаровец Фернандо Труеба, вечерва го отвора 26. издание на Солунскиот фестивал за документарци. Труеба, кој доби Оскар за најдобар странски филм за „Бел епок“ во 1992, ќе дојде на фестивалот за да го прими почесниот Златен Александар за животно дело, а во негова чест ќе играат и три негови документарци за љубовта и познавањето на музиката.

До 17 март, во Солун ќе играат 250 документарци од кои 112 се светска, меѓународна или европска премиера, а фестивалот се затвора со грчкиот „Јани Спанос: Живот зад шаторот“ на Арис Доризас.

Постерот е посветен на историскиот грчки закон за истополови бракови, а е дело на грчкиот уметник Димитрис Папајоану. (Фото: ТДФ)

Фестивалот има дури 4 селекции за награда, во главната, Меѓународна програма, се 12 филмови во конкуренција за Златен Александар и 12.000 евра и за Сребрен Александар и 5.000 евра. Во селекцијата Новајлии, 12 дебија или втори филмови на авторите, од кои 3 грчки, се во трка за наградата „Златен Александар-Димитри Еипидес“ и 10.000 евра и Сребрен Александар и 4.000 евра. Во Напреден филм, 11 неконвенционални документарци конкурираат за Златен Александар и 6.000 евра и Сребрен Александар и 3.000 евра. Во селекцијата Тридимензионално: Се околу филмовите, ќе има 8 филмови во виртуелна реалност за Златен Александар и 2.000 евра. Оваа селекција е проследена со инсталацијата „Око“ на легендата на електрoнската музика Жан Мишел Жар.

Грчкиот парламент минатиот месец донесе историски закон со кој се дозволува склучување истополови бракови, а во таа чест Фестивалот во програмата Граѓанинот Квир ќе прикаже 33 документарци кои го истражуваат чинот на самоопределување, оставајќи свој белег во светската квир кинематографија. На проекциите ќе присуствуваат реномирани уметници, активисти и признати личности од филмот и културата, професори и научници за да разговараат со публиката. Покрај тоа, традиционалниот Нон-каталог на фестивалот е посветен на текстови што ги истражуваат темите, компонентите и потеклото на квир документарецот. И постерот на ова фестивалско издание е посветен на оваа тема, а е дело на грчкиот уметник Димитрис Папајоану.

Селекцијата филмови во виртуелна реланост  е проследена со инсталацијата „Око“ на легендата на електрoнската музика Жан Мишел Жар. (Фото: ТДФ)

Солунскиот фестивал е еден од ретките каде има и селекција за награди за подкасти.

Фестивалот ја одбележува и 50-годишнината од обновувањето на демократијата во Грција со 4 филмови на реномирани автори кои ги бележат најзначајните настани во борбата против диктатурата.

Во Солун ќе игра и наградуваниот документарец „Молк на разумот“ на Кумјана Новакова, копродукција меѓу Македонија и БиХ, сочинет од сведоштва и видеоматеријали од форензичките архиви за претрпеното насилство и тортурата на жените кои во војната во Босна и Херцеговина поминале низ камповите за силување во Фоча. Новакова е дел од жирито на филмскиот маркет Агора, на кој на фестивалот се презентираат документарни проекти кои бараат финансиска поддршка.

В недела, фестивалот огранизира гала ноќ на Оскарите во централното кино „Олимпион“ во Солун, со пренос од доделувањето на наградите на Американската филмска академија. Грчкиот автор Јоргос Лантимос е номиниран за најдобар режисер за „Кутрите“, кој има вкупно 11 номинации меѓу кои и за најдобар филм.

Фото: Фернандо Труеба и Хавиер Марискал, коавторот на „Го застрелаа пијанистот“. (Фото: ТДФ)

М. КОСТОВА