„ЦРНИОТ ПАНТЕР“ НА МАРВЕЛ ИГРА ВО „СИНЕПЛЕКС“ И „МИЛЕНИУМ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмот кој ги урна рекордите за најмногу продадени карти во претпродажба, Mарвеловиот „Црниот пантер“, во режија на Рајан Куглер, од денеска игра во кината „Синеплекс“ и „Милениум“.

По настаните од „Капетан Америка: Граѓанска војна“, кралот Т’Чала се враќа дома во изолираната и технолошки напредна африканска нација Ваканда, за да служи како нов лидер на земјата.

„Т’Чала наскоро дознава дека е предизвикан на борба за тронот од одредени фракции во неговата сопствена земја. Кога двајца непријатели прават заговор за уништување на Ваканда, херојот познат како Црниот Пантер мора да ги здружи силите со агентот на ЦИА Еверет Кеј Рос и со членовите на специјалните сили Дора Милаје, за да ја спасат земјата од граѓанска војна“, велат од кината.

Во двете кина игра и психолошкиот трилер „Берлински синдром“ на режисерката Кејт Шортланд, кој е базиран на истоимениот роман на Мелани Џустен од 2011 година.

На репертоарот на „Синеплекс“ е и анимираниот филм „Малиот брод: Спасител”, базиран на детската книга „Елијас: Малиот брод спасител”. Филмот е синхронизиран на македонски јазик.