„МАМА МИА“ ОД ЈАНУАРИ ПОВТОРНО ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хит претставата „Мама миа“, по мала пауза, од јануари се враќа на репертоарот на Македонскиот народен театар (МНТ). Премиерата беше пред една година и речиси сите досегашни изведби беа однапред распродадени.

Мјузиклот „Мама миа“, како лиценциран проект со словенечката фирма „Проспот“, во МНТ го поставија режисерката Наташа Поплавска и кореографката Олга Панго, додека текстот на драматургот Кетрин Џонсон, по приказната на Џуди Крејмер, како и песните ги преведе и препеа актерката Тина Трпкоска.

Првата изведба во новата година е закажана за 25 јануари, а билетите по цени од 600, 800, 1.000 и 1.200 денари веќе можат да се купат на билетарницата на МНТ и на интернет страницата на театарот.

Нина Деан, Никола Наковски, Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Тања Кочовска, Арна Шијак, Владимир Јачев, Трајче Ѓоргиев, Кире Ѓоревски, Александра Павлова и Билјана Јовановска се дел од големиот кастинг, кој преку хитовите на „АББА “ ја раскажува комичната приказна за тинејџерка која е во потрага по нејзиниот вистински татко на еден грчки остров.

Учествуваат и повеќе придружни вокали и Оркестарот и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет (МОБ), а ќе диригира Бисера Чадловска. Сцената и костимите се на Александар Дениќ и на Роза Трајческа-Ристовска.