МУЗАТА НА ИВ СЕН ЛОРАН, КАТРИН ДЕНЕВ, ЈА ПРОДАВА ЛИЧНАТА КОЛЕКЦИЈА НА НЕГОВИ КРЕАЦИИ

Париз, (АФП)

Легендарната француска актерка Катрин Денев објави дека ќе ја продава личната колекција креации дизајнирани од нејзиниот пријател и модна икона Ив Сен Лоран, кој почина во 2008 година. Денев (75) вели дека со тешко срце се решила за ова бидејќи ја продава куќата во северна Франција.

„Ова се креации на еден талентиран човек, кој само сакаше да ги направи жените поубави“, стои во изјавата на Денев, што ја пренесе аукциската куќа „Кристис“, каде ќе се одвива продажбата.

Околу 150 парчиња, вклучувајќи палта, фустани и модни додатоци, некои од нив уникатни и дизајнирани специјално за Денев, ќе бидат понудени на аукцијата на крајот на јануари, за време на Модната недела на висока мода во Париз.

Важејќи за муза на Лоран, Денев беше водечка фигура во кругот на славни пријатели на креаторот, покрај принцезата Грејс од Монако, Волис Симпсон и Палома Пикасо. Денев и Лоран се запознале кога таа имала 22 години и 40 години го одржувале пријателството.

„Мојата најголема љубовна врска си ти“, му рекла Денев на креаторот на големата изложба за неговата кариера во 2002 година.