„АВАЛОН“ НАЈАВИ ТРИДНЕВНА ЗАБАВА СО СВЕТСКИ ПОЗНАТИ ДИЏЕИ НА „ОХРИД КОЛИНГ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Авалон продукција“ објави обемна листа имиња кои ќе бидат дел од новото издание на фестивалот „Охрид колинг“, што ќе се одржи од 31 јули до 2 август. Вкупно 13 музичари, главно диџеи, ќе настапат на тридневната забава во охридската касарна, а домашната електронска сцена ќе ја претставуваат Деловски и 19-годишната охриѓанка Јана Слави.

Дел од учесниците организаторите ги најавуваат како големи хитмејкери и некои од најактуелни имиња на светската денс сцена, како австралиското женско дуо „Нерво“, „Винаи“, Регард и холандското дуо Санери Џејмс/Рајан Марчано.

Иако локацијата собира 15.000 луѓе, во продажба ќе бидат пуштени само 5.000 влезници. Дневен билет ќе чини 1.000, а тридневен 2.000 денари.