Австрискиот бенд „Марио Ром’с Интерзоне“ ќе ја отвори втората вечер на Скопскиот џез фестивал (СЏФ), вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ). По нив е Ди Александер, една од најдобрите џез-пејачки во светот, а на полноќ во Дансинг салата во Младинскиот културен центар е закажан концертот на нигерискиот музичар Орландо Џулиус со британскиот бенд „Хелиосентрикс“.
Триото од Австрија го сочинуваат Марио Ром, Лукас Кранцелбиндер и Херберт Пиркер, а се најавуваат како група со невообичаена инструментација (труба, бас и тапани) која се покажа способна виртуозноста и хуморот да ги преточи во една забавна целина, оставајќи впечаток дека се четири, пет или повеќе музичари.
Ди Александер е една од најталентираните и најпочитуваните вокалистки од Чикаго и истовремено вистински бисер во не многу долгата листа на денес најдобрите џез-пејачки во светот. Нејзините таленти се протегаат на секој музички жанр, но сепак, срцето и душата на Александер во најчиста форма се отсликуваат во џез музиката.
Малубројни се музичарите кои што биле позначајни од Орландо Џулиус за инвентивноста, развојот и популаризацијата на афро-поп музиката, велат од СЏФ. Почнувајќи во 1960-те, Џулиус ги соединуваше традиционалните африкански звуци и ритми со оние на американскиот поп, соул и ритам и блуз. Покрај настапите и снимањата во својата родна Нигерија, многу години помина во САД, а неговиот албум од 1966 „Супер Афро Соул” од него направи национална ѕвезда во Нигерија и влијателен музичар дури и во САД.