Африканскиот џез музичар со светска кариера, Феми Кути, вечерва во 21 часот во Градскиот парк во Скопје ќе настапи заедно со неговиот бенд „Позитив форс“ и со Македонската филхармонија.
Концерот е насловен „Филхармонија на отворено“ и го означува крајот на официјалната концертна сезона.
Ќе диригира Џијан Емин, кој направи и специјални аранжмани на композициите.
„Нигерискиот исклучителен музичар Феми Кути роден во Лондон, пред сѐ, е познат како најстар син на пионерот на афробитот, големиот Фела Кути. Но, и покрај тоа што тој ја продолжува звучната патека што ја трасираше неговиот татко, Феми Кути создаде сопствен израз на музицирање, кој го прави автентичен и единствен. Со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, во неговите песни зборува за политичката корупција, сиромаштијатата, лошите животни услови во родната Нигерија, како и во светот и за диктаторскиот режим“, најавува Филхармонијата.
Кути во Македонија доаѓа по 14 години, по настапот на Скопскиот џез фестивал и вели дека изведбата со голем симфониски оркестар му е како исполнување на сон.
„Филхармонија на отворено“ и „Кино на отворено“ се двата настани кои ги организираат Филхармонијата, Младинскиот културен центар и Градот Скопје.
Синоќа во Градски парк, пред речиси шестилјадна публика, се прикажа наградуваниот македонски филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески.
Во релаксирана атмосфера, граѓаните седнати на перничиња и столчиња уживаа во дебито на Ставрески, кое, меѓу другото, освои награда за најдобар филм во меѓународната селекција на фестивалот во Санта Барбара, Калифорнија, една од најзначајните смотри на независен авторски филм во САД, потоа награда од публиката во Солун и награда за најдобро сценарио на Фестивалот на медитерански филм во Брисел.