Македонскиот музичар и композитор со њујоршка адреса Дуке Бојаџиев вечерва во „Станица 26“ во Скопје ќе одржи промоција на својот нов студиски албум „Синергија“. Настанот што почнува во 20 часот е замислен како јавно преслушување на албумот, кој содржи десет песни. Тој од пред неколку дена е достапен и на музичките платформи Спотифај и Епл мјузик.
„Станува збор за модерна фузија на филмска и електронска музика, со елементи на фламенко, црковно пеење и индиски изворни мотиви. Инспирирано, напишано и испродуцирано во Њујорк, ова е електро-акустична фузија на целото мое досегашно музичко и животно искуство. Некои нумери од албумот се зачнати пред повеќе од 10 години, но аранжманите и продукцијата ги завршив во изминатите три години“, вели Бојаџиев.
Специјални гости на албумот се фламенко пејачот од Андалузија Ишмаел Фернандес, кој се појавува на шест нумери, Даниела Тошиќ, која долги години живее и работи во Бостон и е специјализирана за пеење на црковна музика од 12. до 15. век и индиската пејачка и актерка Прија Даршини, која со нарација ја придружува холивудскиот актер Јан Бјукенан.
Влезот за промоцијата е слободен.