ИЗВАДИВМЕ ЗВУК ШТО МОЖЕ ДА ИМ ПАРИРА НА ГОЛЕМИТЕ БЛЕК МЕТАЛ БЕНДОВИ – „АМБРОЗ“ ПРОМОВИРА НОВ АЛБУМ ПО ОСУМ ГОДИНИ ПАУЗА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По повеќе од осум години чекање, предводниците на македонската блек метал сцена „Амброз“ неодамна го најавија излегувањето на својот нов, втор албум. Насловен „Monuments of the Deceived“, тој и официјално ќе биде промовиран утре (9 декември) во „Кастом паб“ во Скопје, со почеток во 20 часот.

Албумот содржи 11 песни, за кои фронтменот Дамјан Клинчаревски вели дека почнале да ги прават уште пред пандемијата, но и други фактори играле улога што настана толку голема пауза по дебитантското издание „Into the Endless Void“ од 2015.

По издавањето на првиот албум почнавме со креирање нов материјал, но, во меѓувреме, тогашниот тапанар Иван Томиќ го напушти бендот и потрагата по нов член траеше некое време, сѐ додека не ни се приклучи Никола Димитровски во 2019. Ни излезе во пресрет за нашиот настап како предгрупа на ‘Канибал корпс‘ во Скопје и едноставно работите кликнаа. После тоа фати пандемијата, па покрај тоа што не можевме да правиме проби, таа нѐ удри малку и финансиски и тука беше најголемото одлагање на новиот албум. Чекавме сѐ да се стабилизира за да можеме да ги довршиме сите песни и да почнеме да ги снимаме. Тоа одзема доста време, претпродукција, постпродукција, микс, мастеринг, дизајн на кавер, маици, видеа… Сето ова влијаеше да го чекаме правото време за издавање на вториот албум“, појасни Клинчаревски.

Албумот е сниман во периодот 2021/22, а продуцент е Иван Јамандиловски, гитаристот на „Амброз“.

Извадивме феноменален мастер звук благодарејќи на него, но и на сите оние кои ни позајмија опрема што ни фалеше во тие моменти. Иван помина еден макотрпен долг период во постпродукција, што на крајот се исплатеше, зашто достигна звук кој може да им парира на многу познати бендови од нашиот стил, иако не снимавме во услови што тие ги имаат. Целокупниот дизајн на каверот, цедето, буклетот, на целиот брендинг на албумот е мој“, додава Клинчаревски.

Бендот најавува и концертна промоција на новиот албум на 17 февруари (Фото: О. Теофиловски)

Дали новиот албум е продолжение на првиот во поглед на стилот и звукот може да се насети од песната „A Godless Intervention“, која беше пуштена на Јутјуб пред неколку дена како мал вовед во промоцијата.

Не, мислам дека сме многу позрели музички и продукциски оттогаш. Овој албум, иако го има нашиот уникатен звук, е доста позрел во компонирањето, тематскиот дел на текстовите и во секој друг поглед. Едноставно, имавме друг пристап кон сево ова, плус го оставивме целиот материјал убаво да созрее, да ни легне прво на нас, па после тоа да го претставиме пред сите кои ќе сакаат да го слушнат“, рече Клинчаревски.

Утрешната промоција ќе биде слушачка, но бендот најавува и концертна, а се подготвува и спот.

Концертната промоција е закажана за 17 февруари во МКЦ и сите детали ќе бидат објавени ден по издавањето на албумот. Можам само да кажам дека ќе имаме и странски гости. Снимивме и спот, кој е сѐ уште во постпродукција и штом биде готов, ќе го објавиме“, откри пејачот на „Амброз“.

Г. КОНЕВ

Фото: О. Теофиловски