КАРОЛИНА ГИ СОБРА НАЈГОЛЕМИТЕ АПЛАУЗИ НА „ЅВЕЗДЕНА СИМФОНИЈА“ ВО БИТОЛА И Ѝ ИСПОЛНИ ЖЕЛБА НА ОБОЖАВАТЕЛКА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

„Здраво, Битола моја, никој не може да те замени“, рече поп-дивата Каролина Гочева на синоќешниот концерт во Битола, кој беше дел од музичкиот спектакл „Ѕвездена симфонија“, со кој се отвори 16. издание на Битфест.

И покрај познатите музичари од странство кои беа дел од програмата, публиката најмногу реагираше со аплаузи на настапот на Каролина со Камерниот оркестар. На стадионот имаше неколку илјади луѓе од Битола и околните општини, кои на цел глас заедно до Каролина ги пееја нејзините хитови.

Концертот го започна со евровизиската песна „Од нас зависи“, а продолжи со „За нас“, „И ќе биде сѐ во ред“, „Умирам без тебе“, „Се лажам себе“, „Сакај ме“ и други. Ја отпеа и познатата балада на Тоше Проески „Твоите бакнежи на моите бели кошпули“, велејќи дека ја чувствува како своја.

„Ова не е песна која јас сум ја отпеала, но во последните години ја пеам на сите мои настапи и концерти бидејќи ја чувствувам како своја. Ме навраќа на едно многу убаво и безгрижно време пред 20 и нешто години“, рече пејачката, а потоа ја испеа и „Немир“, нејзиниот дует со Тоше.

На стадионот имаше неколку илјади луѓе од Битола и околните општини (Фото: СМАРТ СДК.МК)

На крајот на концертот ѝ исполни и желба на девојка која беше во првите редови во публиката и гласно побара да ја испее „Хипокрит“.

„Иако не ја подготвивме за вечерва, сепак ќе ја испеам“, рече Каролина и изведе дел од песната.

На концертот учествуваа и српската кантавторка Констракта, „Паркети“, „Суперхикс“, грчката пејачка Лав Итоја, светски познатиот диџеј Шилер и други. Некои од нив беа придружувани од Камерниот оркестар на стадионот во Битола, кој во голем дел е реновиран и ги отвори вратите за големи музички настани.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: С. Ставрев