ЌЕ СОБЕРАМ ПАРИ ДА СЕ НАЈДЕ ЛЕК ЗА МОЈАТА РЕТКА БОЛЕСТ, РЕЧЕ СЕЛИН ДИОН, КОЈА ПЛАНИРА ДА СЕ ВРАТИ НА СЦЕНАТА

САД, (Би-Би-Си)

Фановите на Селин Дион можат да видат како нејзините здравствени борби се одразиле врз нејзиниот живот во новиот документарен филм „Јас сум: Селин Дион“. Таа конечно најде начин да им се врати за настапите и се подготвуваше за ново шоу во Лас Вегас.

„Работевме толку напорно за да го направиме ова шоу, затоа што се вратив“, вели пејачката со огромна насмевка и додава:

„Ќе бидам на сцената. Не знам кога точно, но верувајте ми, ќе врескам гласно. Не можам да дочекам. Ќе соберам пари да се најде лек за мојата ретка болест“.

Дион во декември 2022 објави дека ѝ е дијагностицирано ретко невролошко нарушување. По таа објава, Дион се повлече од нејзината светска турнеја и оттогаш ретко се појавува во јавност. Медицинското име за нејзината малку позната болест е синдром на вкочанета личност (СПС), што предизвикува грчеви на мускулите.

Во документарниот филм, таа раскажа како се справува со болеста. Вели дека можела да настапува повремено, а публиката никогаш не би знаела со каква борба се соочува зад сцената.

Селин Дион со децата на сцената на последното шоу во Вегас во 2019 (Фото: Гети)

Таа извршила огромен притисок врз себеси да ја одржи турнејата, не разбирајќи што ги предизвикува симптомите што ги доживува. Но, сето тоа станало премногу за неа. Грчевите биле толку лоши што едвај можела да се движи.

Но, откако болеста ѝ беше правилно дијагностицирана, таа сега разбира многу повеќе за состојбата.

„Мојата цел е да ја разбудам свеста за болеста, да соберам пари да се најде лек. Тоа би било неверојатно“, вели таа.