КОНЦЕРТОВ Е ЗА МАЈКА МИ КАКО ПОДАРОК ЗА РОДЕНДЕН, РЕЧЕ СЛАТКАРИСТИКА НА СЛАВЕНИЧКИОТ НАСТАН ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Раперот Слаткаристика со концерт во „Ивент центар“ во Скопје прослави 15 години од неговиот прв албум „Слаткаристика будало“.

Во полниот клуб, Марко Маринковиќ започна исто како и пред 15 години, кога како млад рапер го наполни Скопскиот саем, со истите хитови кои се актуелни и денес: „Фм“, „Шопинг“, „Колку е добро да си рапер“. Интересно е што на концертот имаше и млади и повозрасни, кои Слаткар го слушале кога биле помлади. Имаше и родители со деца, качени на рамењата на родителите, поради големата гужва.

Тони Зен беше еден од гостите на концертот, како дел од екипата на Слаткар од неговото маало Ново Лисиче, за кое претходно ни рече дека му помогнало да стане рапер и да пишува стихови.

„Носам наочари, за да не ме видите како плачам. Историјата се повторува“, рече Тони Зен кој со Слаткар настапи во дует (Фото В.Тануровски)

„Носам наочари, за да не ме видите како плачам. Историјата се повторува“, рече Тони Зен кој меѓудругите го испеа својот прв хит „Јас сум интелект“ и со вресоци беше пречекан. Гостуваа и „Два Бона“, неговиот како што го нарече „брат“ Желе од некогашната хип-хоп група „Токсикологија“ и уште неколку рапери од групата која Слаткаристика ја основа во 2008.

„Сите ме прашуваат зошто правам концерт на 16 март, а не на 15, за 15 години пд албумот. Но, денес ѝ е роденден на мајка ми. Среќен роденден мамо и ти благодарам за целата посветеност“, рече Слаткар и ја повика мајка му на сцената, а таа остана на бината до крајот на концертот.

На концертот имаше публика од сите генерации (Фото: В. Тануровски)

За песната „Да полетам“ која ја напиша за неговото семејство и растењето како што кажа „без многу пари но со многу љубов“, побара атмосфера и запалки од публиката.Од Канада, специјално за концертот дојде продуцентот Јован Јованов, кој ги напиша првите хитови на Слаткаристика, а тој му се зблагодари на честа.

Концертот почна со задоцнување од повеќе од еден час, а Слаткар ќе одржи уште еден, следната сабота, на 22 март. Со оглед на големиот интерес и еуфоријата со која го пречека публиката, тој слободно можеше да избере поголема и покомотна сала за ваков јубилеј.

М. ЏАРОВСКА