МИ СЕ КИНЕ СРЦЕТО КОГА ПОМИНУВАМ ПОКРАЈ ПОКОЈНАТА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ВЕЛИ ТИЈАНА ДАПЧЕВИЌ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тијана Дапчевиќ вели дека ѝ се кине срцето кога поминува покрај Универзална сала, која е затворена од 2015 година. Пејачката и челистка, која живее во Белград, ќе одржи концерт во Скопје, во „Јавна соба“ на 5 октомври, во рамките на фестивалот „Милк и блуз“.

„Ако не ги сметам настапите на наменски настани и приватни забави и како гостин на други колеги, последен пат имав концерт во Скопје во покојната Универзална сала во 2006 година. Ми се стега срцето кога ќе поминам оттаму. Тие ѕидови на таа концертна сала да знаат да зборуваат, да кажат кои светски имиња свиреле таму, од Би Би Кинг, преку Кенди Далфер, до Џон Меклафлин, Чик Кореа. Тоа беше сала со неверојатна акустика. Градот копнее по камбек на Универзална. И не само Скопје, туку и еден куп музичари кои сонуваат да свират во неа“, ни изјави Тијана Дапчевиќ.

Пејачката досега не одржала солистички концерт во Белград, каде што живее со сопругот Милан и синот Вук, кој е прва година во средно музичко училиште.

Во Скопје не сум имала концерт од 2006, вели Тијана Дапчевиќ. (Фото: Инстаграм)

„Во Белград закажав концерт во поранешниот Дом на синдикати, сегашна МТС сала, во ноември 2024. Милан нема да дојде во Скопје затоа што има обврски со својата работа, а и некој треба да остане со Вук во Белград“, рече Дапчевиќ.

На концертот во Скопје, таа ќе ги пее песните од нејзините пет албуми, од 2012 година досега.

„Имам снимено синглови што ги знаат сите, има тука материјал за уште два албума, така што 90 проценти од репертоарот ќе бидат мои песни. Од оние пејачи сум кои пеат и туѓи песни, така што во секој случај ќе биде добра забава и тоа е она што е најбитно“, изјави пејачката.

Фестивалот во „Јавна соба“ ќе започне на 3 октомври со комедијата „Торонто експрес“. Концертот на Тијана Дапчевиќ е прв музички настан. На 8 октомври ќе има три детски претстави, „Зеленковци“, „Кој е тука кловн“ и мјузиклот „Малата сирена“. На 10 октомври, стенд ап настап ќе има Тони Михајловски, а на 12-ти концерт ќе одржат Игор Џамбазов и Гуру Харе. На 18 октомври е стенд ап настапот на Весна Петрушевска, следниот ден концерт ќе одржи „Ласт експедишн“, на 24 октомври настапува комичарот Марјан Ѓорѓиевски, а фестивалот го затвора Владимир Четкар на 26 октомври. На 18/19 октомври ќе бидат отворени изложбите на Јасмина Трпевска и Марко Милчевски.

Владата минатата недела ја презеде Универзална сала од Град Скопје бидејќи градоначалничката Данела Арсовска не сакаше да продолжи со реконструкцијата.

Универзална сала не работи осум години. Почна да се реновира во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов со пари обезбедени од Владата. Но, по доаѓањето на Данела Арсовска на функција, градежните работи беа прекинати. Таа го обвини минатото раководство на градот дека е виновно што концертната сала не се гради оти направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија, проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура, во обид да се најде заедничко решение и договор за соработка.

М. ЏАРОВСКА