НА ПОКРИВОТ НА ДОМ НА ГРАДЕЖНИЦИ СЕ ОДРЖА ПРВИОТ МААЛСКИ КОНЦЕРТ ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На покривот на Домот на градежници во центарот на Скопје денеска се одржа првиот маалски концерт во рамките на проектот на Град Скопје, „Култура во време на корона“.

Серијата вакви концерти, кои е предвидено да се одржуваат на различни локации низ градот, ја отвори Лепи Џони. Едночасовниот соло настап граѓаните го следеа од нивните балкони, а како што велат од Град Скопје, целта е финансиски да им се помогне на уметниците, а истовремено да се организира забава за граѓаните додека трае полицискиот час.

„За само два дена, на јавниот повик за финансирање проекти од областа на културата ‘Култура во време на корона‘ пристигнаа повеќе од 100 апликации од млади уметници од Скопје. Сите концерти ќе биде стримувани на Фејсбук страницата и на официјалниот Јутјуб канал на Град Скопје“, велат од Град Скопје.

Сите учесници во проектот ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот трае до завршувањето на вонредната состојба.