НИТУ ПОБАРАА ОД МЕНЕ, НИТУ ПЛАНИРАВ ДА ОДРЖАМ ПОСВЕТА НА АРЕТА, ВЕЛИ МАДОНА

Њујорк, (АП)

Мадона вели дека никој од неа не побарал, ниту таа имала намера да одржи посвета за Арета Френклин на Ем-Ти-Ви видео наградите во понеделникот.

Кралицата на попот излезе на сцена за да ја додели главната награда на вечерта, за спот на годината, при што одржа петминутен говор за Френклин, но тоа главно се сведе на анегдоти од нејзината сопствена кариера и беше обвинета дека себеси се ставила во прв план.

Мадона на Инстаграм објави дека организаторите од неа побарале да ја додели наградата за спот на годината и да сподели какви било анегдоти од нејзината кариера, а кои се поврзани со кралицата на соулот, која почина минатата недела. Мадона притоа ја сподели случката кога на една аудиција пеела песна од Френклин, но не ја сфатиле сериозно.

„И зошто би ме сфатиле? Некоја слаба бела девојка им доаѓа и им пее песна од една од најголемите пејачки што некогаш постоеле. Тие потоа не ми се јавија со недели, пред да ми кажат дека сакаат да ме носат во Париз и да ме прават ѕвезда. Останатото е историја“, кажа Мадона.

Таа додаде дека не би можела да даде достојна посвета на Фрнклин за време на едно бучно шоу.

„Тоа не требаше да биде посвета на Арета. Невозможно е да се направи тоа во две минути, во така бучни услови“, кажа Мадона.