Композиторот Александар Масевски е вокал во својата нова песна „Лесно“, во која соработува со Влатко Стефановски. Масевски е автор и продуцент на песната, Стефановски свири гитара, а видеото го изработи поп-пејачот Игор Митровиќ, кој инаку работи како графички дизајнер.
„Во принцип, ‘Лесно’ е инструментална тема која нема за цел да го ‘нападне’ слушателот и бескрупулозно да го привлече неговото внимание, туку, напротив, суптилно да ги разбуди неговите сетила и љубопитство. Да ја разбуди неговата имагинација и да го однесе на некое патување, каде што самиот тој, слушателот, ќе биде креатор на сопствената замисла за тоа какво е тоа патување. Стилот на песната е фузија од соул, софт џез, фанк и рок, каде што извонредната изведба и карактеристичниот звук на гитарата на Влатко Стефановски го внесуваат тој рок елемент“, вели Масевски.

Пред да се договорат за соработката, со Влатко Стефановски се виделе на концертот на холандската саксофонистка Кенди Далфер во Скопје и потоа се родила идејата за мелодијата што Влатко ја свири во првиот дел од песната. Масевски вели дека му понудил соработка на Стефановски, а нему му се допаднала идејата и спонтано излегла „Лесно“.
„Соработката со Влатко течеше толку конкретно, тивко и професионално што мислам дека и на двајцата ни дојде како релаксација. Особено ми се допадна неговата работна и професионална етика. Тука сме многу слични. И двајцата работиме според принципот ветено-сторено“, вели Масевски.

Песната ѝ ја посветил на сопругата Билјана Пашариковска, која е балерина и наставничка по балет. Тие го имаат синот Димитар, кој се вика како неговиот дедо, легендарниот композитор Димитар Масевски.
„Во песната честопати се повторува стихот ‘Да те сакам лесно е’, а не постои некој што полесно се сака од мојата една и единствена Билјана“, вели Масевски.
М. ЏАРОВСКА