СЕ СОМНЕВАВ ДЕКА ПОВТОРНО ЌЕ ЗАПЕАМ – ШАКИРА ПО СЕДУМ МЕСЕЦИ СЕ ВРАТИ НА ТУРНЕЈА

Лондон, (Би-Би-Си)

По одложувањето на нејзината турнеја „Ел Дорадо“ пред седум месеци поради проблеми со гласните жици, Шакира се врати на сцената со спектакуларно шоу во Хамбург.

Ова е прва турнеја на колумбиската ѕвезда во седум години, откако заснова семејство со шпанскиот фудбалер Жерард Пике.

„Минатата година беше еден од најтешките периоди во мојот живот“, изјави 41-годишната пејачка за Би-Би-Си пред концертот во Лондон.

Во интервјуто, таа открива дека таа немала само крвавење на гласните жици, тука станувало збор за васкуларна лезија.

„Можете да си замислите, имаше моменти кога се сомневав дека некогаш повторно ќе излезам пред публика да ги пеам моите песни“, вели таа.

Иако лекарите ја советувале да направи операција, Шакира вели дека чудно, но природно заздравила и лезијата целосно исчезнала од гласните жици.

„Тоа навистина е чудо. Се сеќавам дека се молев. Со години, заборавав да се помолам, но кога минувате низ тешкотии, одеднаш ќе ѝ се вратите на својата вера. Му ветив на Господ дека кога би можела повторно да го користам мојот глас, ќе му го славам името секоја вечер и тоа е она што го правам“, кажа пејачката.