Проектот „Македонисимо“ на пијанистот Симон Трпчески и пријателите синоќа (25 април) доби долги аплаузи од софиската публика, на концертот со Софиската филхармонија во салата „Бугарија“.
Како што велат од „КултурОп“, квинтетот „Македонисимо“ настапи во оригиналниот состав: Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, а со Софиската филхармонија диригираше Ана Спасовска.

„Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова, која им се приклучи на музичарите на сцена. Во публиката беа и бугарскиот министер за култура, диригентот Најден Тодоров и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска“, велат од здружението „КултурОп“.
Следната изведба на „Македонисимо“ е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска.
Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовни концертни гостувања во САД, Велика Британија и Германија.
Фото: Ј. Лесански