Новиот албум на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, „Тафталиџе шафл“, е номиниран за наградата „Импала“, заедно со уште 24 албуми од сите делови на Европа. Албумот го издаде најголемата дискографска куќа во регионот, „Кроација рекордс“.
„Оваа година, списокот вклучува 25 врвни албуми. Ова е одличен начин да се посочат одлични музичари кои доаѓаат од разни делови на Европа. 2020 беше тешка година, но оваа листа на номинирани е ‘ветер во грб’ за добар почеток на 2021“, вели извршната директорка на „Импала“, Хелен Смит.
Меѓу номинираните албуми има најразлични музички стилови.
„Тафталиџе шафл“ на крајот на 2020 се најде на првото место на листата најпродавани албуми во Хрватска, оставајќи ги зад себе „Црвена јабука“, Бајага, Габи Новак и „Мајке“. Стефановски го сними албумот во своето домашно студио „Езотерија“, заедно со синот Јан на тапани и басистот Иван Кукиќ. Импресивната листа гости ја сочинуваат Дамир Имери, Кирил Џајковски, Матија Дедиќ, Васил Хаџиманов, Теодосиј Спасов и Никола Ристановски.