ТОА ШТО НОВИТЕ ПЕСНИ СЕ СТАНДАРДНИ, ЗА НАС Е ЕКСПЕРИМЕНТ – „ФОЛТИН“ ГО ПРОМОВИРАШЕ ОСМИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ние кога правиме стандардни песни, тоа за нас е експеримент, вели фронтменот на „Фолтин“, Бранислав Николов, на денешната промоција на осмиот студиски албум, насловен „МОМОМА“.

Една од најиновативните групи на македонската музичка сцена одлучи да има поинаков, поемотивен пристап на новиот албум, што, како што вели Николов, било инспирирано како од општествени, така и од приватни промени во рамките на групата. Резултат на тоа е еден нов звук, фестивалски, кој во исто време беше опишан и како најзрел досега.

„Осмиот албум е збирка од шест постандардни песни од оние што луѓето навикнале да ги чујат од ‘Фолтин‘. Направивме албум со песни и тоа за нас претставува своевиден експеримент. Бидејќи цело време правиме експерименти, кога сме стандардни, тоа за нас е експеримент и затоа очекуваме да има и позитивни и негативни реакции. Во продукцијата не вложивме многу пари, но вложивме енергија, чувства, срце и душа“, изјави Николов.

„Фолтин“ најави турнеја за јуни, а промотивен концерт во Скопје за наредниот месец, не откривајќи повеќе детали.

„Ние се навикнавме на нашите албуми да се водиме од некој концепт, но овојпат решивме албумот да биде поразличен. Овој албум претставува израз на она што го доживуваме во последно време, израз на нашите моментални чувства“, додаде Николов.

Г. КОНЕВ