ВАСИЛ НА ТРПЕЈЦА ДОБИ СЕДУМ ПОНУДИ ЗА БРАК, РЕЧЕ ЏИЈАН ЕМИН НА КОНЦЕРТОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР СО ХАЏИМАНОВ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Националниот џез оркестар со Васил Хаџиманов како гостин-солист на 11 август одржа одличен концерт на сцената Долни Сарај во Охрид. Концертот со еден збор може да се нарече „ќеиф“, како албумот на Хаџиманов, кој излезе лани за „Кроација рекордс“.

На концертот во Охрид, со нови аранжмани на Владимир Николов, тој со оркестарот и со поголемиот дел од неговиот бенд ги отсвире новите песни од албумот.

„За почит е што државата препозна квалитет во ова што го прават овие музичари како поединци и што тие станаа национален бенд. Им благодарам на Џијан Емин и на Гоце Стефковски што ме викнаа да свириме заедно“, кажа Хаџиманов.

Тој како да е дел од публиката уживаше во соло деловите на колегите од оркестарот, аплаудирајќи им од неговото место крај пијаното кога не свиреше. Дополнителна магија на концертот му додадоа локацијата и сцената, која е со поглед на езерото.

Џез оркестарот и Хаџиманов звучеа одлично како тим, како да свират долги години заедно (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Васил има супер карактер, омилен е кај колегите и кај пријателите, но знаеме дека е омилен и кај женската популација. Денеска на Трпејца доби седум понуди за брак, од кои две беа комплетни, со клучеви, деца и со баба“, се пошегува диригентот Џијан Емин.

Меѓу песните кои ги свиреше најсилен впечаток остави „Балада за Марта“, посветена на ќерка му Марта, успешна џез и оперска пејачка, која студира во Германија.

Музичарот со македонско потекло, кој е син на Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ, често доаѓа во Македонија, а лани со неколкумина колеги и пријатели одржа концерт во чест на татко му, кој го организираше „Авалон“.

„Насловот на албумот, ќеиф или мерак, го дадовме по сите лоши нешта кои ни се случија за време на пандемијата: страв, болест, смрт. По сето тоа, сите треба да правиме музика и нешта за нечиј и за свој ќеиф“, кажа Хаџиманов пред неколку месеци во Скопје.

Џез оркестарот и Хаџиманов звучеа одлично како тим, како да свират долги години заедно. На бис, откако публиката побара, тој со неговиот бенд ја отсвире „Охрид“.

М. ЏАРОВСКА