Грандиозниот Реквием од Моцарт, едно од најкрупните дела во класичната музика, вечерва (20 часот) по подолго време ќе го изведе Македонската филхармонија.
Концертот е насловен „Requiem Aeternam“, а ќе диригира Емил Табаков од Бугарија, миленик на македонската публика.
Моцартовото генијално дело ќе го изведат Филхармонијата, Хорот при Факултетот за музичка уметност подготвен од маестро Сашо Татарчевски, како и солистите Ким Лилијан-Стребел – сопран од Швајцарија, Мартин Ванберг – тенор од Шведска, Николина Јаневска – мецосопран и Владимир Саздовски – бас.
На концертот се најавени и „Моц-арт ала Хајдн“ од Алфред Шнитке, на кое како солисти ќе се претстават виолинистите Владимир Костов и Владимир Крстев, како и Масонска погребна музика од Моцарт.