По повеќе од 140 дена пауза поради пандемијата на коронавирусот, вечерва продолжуваат натпреварите од НБА лигата и во наредните два и пол месеца сите тимови ќе престојуваат во забавниот парк на „Дизни“ во Орландо, Флорида. Една од најголемите НБА ѕвезди Леброн Џејмс го опиша тоа како затворска казна, при што околу 350 играчи се сместени во три хотели, а салите за тренирање и играње мечеви ќе им бидат во непосредна близина.
Во таканаречениот „НБА меур“ сите тимови ќе играат на неутрален терен, а во салата ќе бидат само играчите, тренерите и персоналот на лигата. За разлика од најголемите европски фудбалски лиги, ТВ-преносите нема да одат со претходно снимена навивачка бучава, но околу теренот ќе бидат поставени големи ЛЕД-екрани, на кои што навивачите ќе се вклучуваат преку платформите за видеоконференција.
„Светот на Дизни“ важи за луксузно искуство во своето вообичаено издание и НБА вложи милиони долари за да го направи свој дом во наредните месеци. Отворени се берберница и соба за видеоигри, а има и езеро, каде што играчите можат да се релаксираат со риболов.
Поради ограничените капацитети, сезоната ќе ја доиграат 22 од 30-те тимови, откако веднаш беа исклучени оние кои немаа шанси за пласман во плеј-офот.