НЕ БРЗАМ ДА ГО СНИМАМ ПОСЛЕДНИОТ ФИЛМ, СИ ГИ РАСТАМ ДЕЦАТА ВО ИЗРАЕЛ, ВЕЛИ ТАРАНТИНО

Лос Анџелес, (Индипендент)

Режисерот Квентин Тарантино вели дека не брза да почне да го снима својот последен долгометражен филм. Тарантино (61), чиј последен филм беше „Беше еднаш во Холивуд“, моментално живее во Израел, од каде потекнува неговата сопруга и вели дека грижата за децата сега му одзема најголем дел од времето и не гледа привлечност во снимањето нов филм.

Лани во април беше објавено дека авторот на „Евтини приказни“ се откажал од плановите за „The Movie Critic“, за кој рече дека ќе му биде последен филм како режисеер. Во разговор со филмскиот критичар Елвис Мичел, Тарантино рече:

„Не брзам да се фрлам во продукција. Тоа го правам 30 години. Следниот месец син ми ќе полни пет години, а имам и две и полгодишна ќерка. Кога сум во Америка, пишувам. Кога сум во Израел? Јас сум аба, што значи татко. Не ми е привлечно да снимам сега кога се премногу млади за да го разберат тоа. Не сакам да снимам каков било филм додека мојот син не наполни најмалку шест години. Така ќе знае што се случува, ќе биде таму и тоа ќе му биде спомен до крајот на животот. Мојата ќерка е веќе гениј“, рече режисерот и додаде:

„Ако се прашувате што правам во моментов, пишувам драма. Ако биде фијаско, веројатно нема да ја претворам во филм. Но, ако биде голем хит? Можеби, тоа е мојот последен филм“.

(Фото: Гети)