НИКОЛА ЈОКИЌ МЕЃУ ВЕЛИКАНИТЕ НА НБА ЛИГАТА, ТРЕТПАТ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Никола Јокиќ влезе во друштвото на НБА великани откако по третпат беше прогласен за најкорисен играч на сезоната (МВП). Центарот на актуелниот шампион Денвер Нагетс беше МВП и во 2021 и 2022 и стана само деветти кошаркар кој се закитил со ова признание три или повеќе пати.

Рекордер е Карим Абдул-Џабар со шест МВП титули, Мајкл Џордан и Бил Расел имаат по пет, а Вил Чембрлејн и Леброн Џејмс по четири. Јокиќ сега се израмни со Лери Бирд, Меџик Џонсон и Мозес Малоун.

„Ова е специјален момент што ќе го паметам цел живот. Тоа е како наследство што останува по твојата кариера“, изјави 29-годишниот Србин.

Оваа сезона, тој имаше просек од 26,4 поени, 12,4 скока и девет асистенции по натпревар и оствари 25 трипл-дабл учиноци. Сепак, Денвер моментално губи со 0:2 од Минесота во полуфиналето на плеј-офот.

Јокиќ ја игра деветтата сезона во НБА лигата, сите со Денвер, кој го избра како 41. пик на драфтот во 2014.

(Фото: АП)