По строг протокол со мерење на телесната температура на гостите, со физичка дистанца меѓу седиштата и со заштитни маски помина синоќешното отворање на јубилејното 60. издание на фестивалот Охридско лето. Поради ограничувањата за седење, на Антички театар имаше околу 400 гости. Годинава се промени и терминот на одржување, па наместо од 12 јули до 20 август, трае од 4 до 30 август.

Фестивалот отвори со познати арии во чест на една од основоложниците на фестивалот Ана Липша Тофовиќ, во изведба на уметниците Марија Јелиќ, Дарио ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано придружба на Миливое Велиќ.

До 30 август на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, предворјето на „Св. Софија“, како и во „Св.Софија“ ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број македонски уметници.

Вечерва во 21 часот почнува драмската програма на Фестивалот, со претставата „Сестрите Прозорови“ која ќе се игра во Предворјето на „Св. Софија“ работена според мотиви од текст на Чехов, а продукција на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Станува збор за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, во кој се третира „Случајот“ на сестрите Прозорови, инспириран од ужасот кој се случувал од 1946 до 1958 година во Алабама, САД.

Играат: Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 години.

