Кристијано Роналдо изјави дека трансферот во Саудиска Арабија не значи крај на неговата кариера откако попладнево пристигна во оваа земја за официјална промоција како играч на Ал-Наср.
Триесет и седумгодишниот Роналдо стана слободен играч пред Светското првенство во Катар откако беше отпуштен од Манчестер јунајтед и Ал-Наср беше најубедлив да го доведе во своите редови, нудејќи му годишна плата од 200 милиони евра, најголема во историјата на фудбалот.
„Трансферот на Блиски Исток не е крај на мојата кариера. Среќен сум што сум тука. Знам дека лигата е конкурентна, сум гледал многу мечеви. Горд сум што ја донесов оваа голема одлука за моите кариера и живот. Мојата работа во Европа е завршена, играв за најзначајните клубови. Имав многу понуди, од Европа, Бразил, САД, Австралија, па и од Португалија, но му дадов збор на овој клуб“, кажа Роналдо на првата прес-конференција по доаѓањето во Ријад.
Неговата официјална промоција ќе се случи вечерва на стадионот „Мрсул парк“, каде што се очекуваат 25.000 фанови на трибините.
(Фото: АП)