ПО МАЈКАТА, И СЕСТРА Ѝ НА ГРЕТА ТУНБЕРГ ПОЧНУВА ПЕЈАЧКА КАРИЕРА

Стокхолм, (Дојче веле)

Помладата сестра на славната активистка против климатски промени Грета Тунберг, Беата Ернман, објави дека наесен ќе почне пејачка кариера. Беата (14), која е три години помлада од Грета, ќе ја игра младата Едит Пјаф во мјузикл во Стокхолм, заедно со нивната мајка Малена Ернман, која, пак, ќе биде славната Французинка во зрелите години.

Ернман е позната оперска пејачка која ја претставуваше Шведска на Евровизија во 2009 година.

„Отсекогаш сум била голем фан на француската шансониерка“, изјави Беата (Фото: АФП)

За разлика од Беата, Грета Тунберг го носи презимето на нивниот татко.

Во биографската книга од 2018 „Сцени од срцето“, Малена Ернман пишува за историјата на семејството, вклучувајќи ги и здравствените битки на двете ќерки. Грета има Аспергеров синдром, а на Беата ѝ биле дијагностицирани АДХД (хиперактивност и пореметување на вниманието), Аспергеров синдром, ОЦД и ОДД, но Малена пишува дека тоа не го сфаќале како хендикеп, туку како супермоќ.

Ернман ја претставуваше Шведска на Евровизија во 2009 со песната „Гласот“ (Фото: Гети)

Премиерата на мјузиклот „Засекогаш Пјаф“ е закажана на 19 септември.

„Уште од мала танцувам и пеам. Отсекогаш сум била голем фан на француската шансониерка. Можноста да ја изведувам нејзината бесмртна музика ми е остварување на сонот“, изјави Беата.

Беата и Грета со родителите кои се познати уметници во Шведска

Малена Ернман има успешна меѓународна кариера како мецосопран, со настапи во најпознатите сали во Берлин, Париз, Виена, Амстердам и Барселона. Сванте Тунберг е актер, кој во 1991 станал дел од ансамблот на Кралскот драмски театар во Стокхолм. Глумел во популарни шведски ТВ-серии и е сценарист, филмски продуцент и менаџер на неговата сопруга.