ПОЧНУВА 6. СКОПСКИ ВИКЕНД НА ГОРДОСТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со изложбата на фотографии „Корпус квир: тела на отпор“ на Дел Лагреј Волкено (21 часот, Музеј на современа уметност), официјално се отвора Викенд на гордоста Скопје 2018.

Овој настан се одржува по шести пат, во организација на коалицијата Маргини и ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на Македонија. Носечката идеја на Викендот на гордоста, кој ќе трае до недела, е НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО.

„Сакаме да ги претставиме алтернативните можности што произлегуваат од многукратните маргинализирани практики на пријателство, грижа, љубов, секс, заедници и правда, а кои се создаваат и циркулираат во колективите и историите на ‘настраните’ и жените. За да биде демократијата можна, политиката мора да биде настрана“, велат организаторите.

Утре во 21 часот во Кино Култура, концерт ќе има Иво Димчев, кореограф, визуелен уметник и кантавтор од Бугарија.

В сабота во 13 часот во МСУ ќе има проекција на филмот „Жената лубеница“ на Шерил Дунје, а во 20 часот во Младински културен центар е најавена театарската претстава „Дијамант“ со Дејвид Хојл и „ЛипСинкерс“.

В недела во 13 часот во МСУ, предавање ќе има фотографот Дел Лагреј Волкено, а Викендот на гордоста завршува со поетски перформанс и диџеј сет вечерта во Кино Култура.