ПРЕМИЕРА НА „ЖЕНИДБА“ ВО ШТИП, ТРЕТА ПОСТАВКА ВО 100-ГОДИШНАТА ИСТОРИЈА НА ТЕАТАРОТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Народниот театар во Штип одбележува 100 години од своето постоење и по третпат ја поставува драмата „Женидба“ од рускиот писател Николај Васиљевич Гогољ. Според историските записи, „Женидба“ првпат била изведена во Штип точно пред 100 години од првата генерација штипски актери, а втората во 1980-тите.

Претставата е во режија на Љупчо Ѓоргиевски. драматург е Габриела Коцева-Тулиев, сценографијата и дизајнот се на Валентин Светозарев, а костимогрфијата на Андреј Ѓоргиевски-Папаз. Премирата е денеска (1 декември) во 20 часот.

Во претставата игра речиси целиот ансамбл на Народниот театар во Штип: Марија Минчева-Андонов, Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Ангела Нашкова, Миле Вратеовски, Пеце Ристевски, Даријан Петров, Валентина Горгиевска, Миланчо Георгиев Роне и Стефанија Митовска.

„Иако се поминати многу години откога е напишана драмата, сите тие општествени аномалии се актуелни и денес. Оваа претстава говори за таа борба на слободата со стереотипите, вклучувајќи го и бракот“, вели режисерот Ѓоргиевски, на кого ова му е седма премиера со Народниот театар во Штип за период од 24 години.

Репризата е на 5 декември.

Т. ЈОВАНОВСКИ