ПРОМОЦИЈА НА ЏИНОВСКАТА СЛИКОВНИЦА ОД БИСТРА ГЕОРГИЕВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во Скопје ќе биде промовирана книгата „Џиновска продавница за фантазии” од Бистра Георгиева. Книгата во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е илустрирана од Шпанката Моника Каретеро.

„Џиновска продавница за фантазии“ е книга за детската фантазија, која е сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна. Главниот протагонист е Џинот, кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. Оваа сликовница се разликува и по својот џиновски формат.

Георгиева е дипломиран социолог, магистер по комуникации и има завршено филмски колеџ во Данска. Својата професионална кариера ја почна како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, по што работеше на неколку филмски проекти. „Џиновска продавница за фантазии“ е нејзина втора книга за деца, по сликовницата „Ото, Ото и Ото“, исто така работена во соработка со Каретеро.