РОНАЛДО НА ОДМОР ВО ГРЦИЈА ЈА ДОЧЕКА ВЕСТА ЗА ТРАНСФЕРОТ ВО ЈУВЕНТУС

Торино, (Дејли мејл)

Кристијано Роналдо во Грција ја дочека веста дека ова лето ќе се пресели од Реал Мадрид во Јувентус по цели девет сезони. 

Тој немаше време за одмор по завршувањето на сезоната, бидејќи го чекаа подготовки и настап на Светското првенство во Русија со португалската репрезентација. Европскиот првак не стигна далеку во Русија, бидејќи беше елиминиран од Уругвај во осминафиналето, по што Роналдо со дел од семејството замина на одмор во Грција.

Тој се пофали на Инстаграм како со девојка му Хеорхина и со најстариот син уживаат во Каламата, но одморот на кратко му беше прекинат, бидејќи мораше да го парафира договорот со Јувентус, вреден 105 милиони евра.

За таа цел, во Каламата допатувал лично претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, кој претходно беше снимен како се качува во приватен авион на аеродромот во Пиза.

Роналдо си заминува од Реал како најдобриот стрелец во историјата на клубот и со богата колекција лични и екипни трофеи.