СО ИЗЛОЖБА, ФИЛМ И КОНЦЕРТ МАКЕДОНСКИОТ ХИП-ХОП ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВИ ВО ЊУЈОРК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Македонскиот културен центар во Њујорк, в четврток ќе биде претставен проектот „Хип-хоп мејд ин Маседониа“.

Проектот се состои од неколку сегменти: презентација на три книги за хип-хопот, изложба на омоти на македонски артисти, проекција на документарниот филм „Сложувалка“, настап на групата „Клан исток“, како и предавање за македонската урбана и хип-хоп култура, што ќе го одржат Славчо Ковилоски и Александар Ковилоски.

„Идејата за проектот се роди од ТВ- емисијата ‘Хип-хоп магазин’, која се емитуваше повеќе години на МРТВ. Со овој проект, македонскиот хип-хоп ќе може да се слушне во градот од кадешто потекнува оваа урбана култура“, велат браќата Ковилоски.

Книгите кои ќе бидат претставени се „Аспекти на македонската урбана култура (Хип-Хоп Македонија)“ (2005), „Хип-хоп книга“ (2007) и „Хип-хоп речник (англиско-македонски)“ (2008).

Куратор на проектот е Јане Теохаревски, а проектот е поддржан од Министерството за култура.