СО ИЗЛОЖБАТА „МОНОДИОПТРИЈА“ НА ДИОГЕН ХАЏИ-КОСТА МИЛЕВСКИ НАЈАВЕН 25. ФЕСТИВАЛ НА МОНОДРАМА ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Изложбата „Монодиоптрија“ на битолскиот фотограф Диоген Хаџи-Коста Милевски, која синоќа беше отворена во Центарот за култура во Битола, беше најсоодветната најава на претстојното 25. издание на Фестивалот на монодрама. Изложбата содржи фотографии на кои се уловени највпечатливите мигови од актерската игра на фестивалот во изминатите пет години.

Изложбата ја отвори Маја Андоновска-Илијевски, директорката на Центарот за култура, која рече дека ова се фотографии кои го слават театарскиот свет и акцент ставаат на актерот додека игра монодрама, која е една од најтешките форми со која не секој актер има храброст да се зафати.

„Кога фестивалот се затвора и сите гости од светот си заминуваат дома, овие уловени мигови ќе останат да сведочат и во идните 25 години“, рече Андоновска-Илијевски.

Изложбата ја отвори Маја Андоновска-Илијевски, директорката на Центарот за култура (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Милевски рече дека на овој начин се гради архивата на фестивалот кој стана битолски кулурен бисер.

„’Монодиоптрија’ е продолжен раст на еден проект од минатата година, ‘Фестивалска диоптрија’. Овој фестивал е своевиден битолски бисер и благодарение на тимот кој работи на него, успеавме да му дадеме ново светло, нов изглед и да ја раскажеме приказната. И луѓето од Широк Сокак да ги донесеме во салата да гледаат монодрама“, рече авторот.

Фестивалот ќе трае од 25 до 31 мај. Во официјалната програма се 10 претстави, а гости има од целиот свет.

Ж. ЗДРАВКОВСКА