Турскиот писател Ерџан Кесал, актер и сценарист на филмот „Беше еднаш во Анадолија“, кој победи во Кан во 2011 година, е специјален гостин на фестивалот „Про-За Балкан“, кој по седми пат се одржува во Скопје. Кесал, заедно со турскиот писател Тарик Туфан, вчера имаше средба со читателите, во соработка со Турскиот културен институт „Јунус Емре“.
Кесал е автор на осум книги, а почнал да пишува во 2013 година. Тој дипломирал медицина, магистрирал психологија, а докторирал на тема од културна антропологија. За актер не учел никогаш, не посетувал ниту курс. Се пошегува дека е доволно конфузна личност.
„И кинематографијата и литературата се раѓаат поради нашата конфузност. Најзначајното во целата таа збунетост е да ја пронајдете вистината и да бидете искрен и фер кон публиката. Не е најважно да бидеме познати, богати, гледани, омилени. Би било многу неправедно и срамно ако се занимаваме со уметност поради овие минливи вредности“, рече Кесал.
Тој кажа дека цел живот го поминал во набљудување, читање и слушање.
„Читањето е задолжителен дел од мојата професија. Мислам дека тоа се елементите што го изградија и мојот пат како актер. Рано ја открив моќта на зборовите. Успешен актер е тој што може да го глуми она што не е напишано во сценариото. Доколку сте успешни во вашата улога во реален живот, вие сте успешен глумец. Успешен актер не е оној што имитира некоја улога, актер не е оној што се впушта во улогата што му е дадена, туку оној кој претходно дадената улога ја персонализира и пренесува“.
Фестивалот ќе биде затворен вечерва од 20 часот во Даут пашин амам, кога на бугарскиот писател Алек Попов ќе му биде врачена наградата за авторски придонес кон балканската литература „Прозарт“. Утре во Кинотека (21 часот) во чест на лауреатот ќе се одржи проекција на филмот „Мисија Лондон“, според неговиот истоимен роман, во кој и Македонија беше копродуцент.